Министерството за здравство ќе спроведе скрининг во 364 основни и 109 средни училишта за рано откривање и заштита од „ковид 19“. Вкупно ќе бидат вклучени 8.178 ученици. Министерството за здравство соопшти дека ќе бидат вклучени 80 општини и Град Скопје. Најголем број тестови ќе се спроведат во Тетово, Куманово, Битола, Гостивар и Прилеп. Во овој случај, Министерството за здравство апелира до родителите да дозволат нивните деца да бидат тестирани за да добијат точни податоци за пренесување на ковид 19 во училиштата и да идентификуваат асимптоматски случаи кај учениците од основно и средно училиште.
Во основното училиште „25 Мај“ во Ченто, сe уште не стигнала никаква информација дали учениците од ова училиште ќе бидат тестирани. Директорот Фадил Муртезани рече дека скринингот е добредојден.

„До денеска, немаме писмено известување од Министерството за образование. Тоа што го слушнавме е од вестите. Повеќето од наставниците кои имале средби со родителите разговарале и на оваа тема и немаше реакција бидејќи знаеме дека Ченто беше дел од зоната во која имаше криза со пандемијата и никој не е против да се тестирааат нивните деца“, рече Фадил Муртезани, директор на О.У “25 Мај”.

И учениците од ова училиште се за да се тестираат.

„Да, би прифатила. Прво за мојата безбедност, а второ за безбедноста на другите“.

„Би прифатила затоа што има луѓе кои имаат вирус и немаат симптоми и не би сакал да бидам причина да се зарази некој друг, да го пренесам вирусот на некој друг“.

„Гледајќи какви се последиците, многу би сакала да се тестирам“.

„И за наше добро и за добро на другите. Според мое мислење, јас би се тестирал. Без симптоми некој може да има ковид, секој може да има, не се знае“.

Во некои други училишта, дел од родителите одбиле да ги тестираат своите деца со образложение дека децата кои немаат симптоми на корона вирус не треба да се тестираат. Скринингот во училиштата се очекува да започне следната недела, бидејќи претходно ќе треба да се добие дозвола од родител или старател. Тестирањето ќе се изврши во училишната зграда, во посебен простор.