Манчестер Јунајтед имаше кошмарно прво полувреме против Ливерпул на „Олд Трафорд“, сценарио кое беше незамисливо за најоптимистичките фанови на клубот, но не и за легендарниот Пол Сколс кој само неколку дена пред дербито, прогнозираше токму ваков епилог.

Коментирајќи ги случувањата во фантастичниот пресврт против Аталанта во Лигата на шампионите, Сколс предвиде дека Јунајтед ќе има негатива од четири гола на полувреме против Ливерпул ако одигра идентичен прв дел како против италијанскиот состав, а бидејќи предвидувањето на легендарниот играч за врска се оствари, видеото со неговата изјава стана вирално на социјалните мрежи.

За волја на вистината, Сколс имаше свој коментар и за срамниот пораз на Јунајтед од 0:5 од Ливерпул говорејќи за продукцијата на Премиер лигата, обраќање при кое посебен акцент ставил на Пол Погба и неговиот очаен обид да им помогне на соиграчите по негативата од 0:4.

– Се што ќе се каже ќе биде потценувачки. Дури и да кажете дека ова е разочарувачки, дури и тој заклучок е потценувачки. Менаџерот се фати во стапица, беше понесен од емоциите од кам-бекот против Аталанта во средата вечерта. Сите се навраќаа на тој меч, но знаев дека никогаш нема да го направиме тоа против Ливерпул, тие имаат преголем квалитет.

– Тие беа подготвени за вакво сценарио и за жал, такво сценарио ни се случи. Пол Погба влезе со цел да му помогне на тимот во вториот дел, но наместо тоа, се обиде да застане на топката на средината на теренот, а потоа ја загуби и му дозволи на Ливепрул да го даде петтиот гол. После тоа, доби исклучување за смешен старт. Со тој потег, Јунајтед остана со играч помалку на 0:5. Мора да се постави прашањето, дали Оле ќе остане менаџер, дали Погба ќе продолжи да го носи дресот на Јунајтед?

– Сите знаат каков талент е Погба, секој менаџер му веруваше, но тој после се го прави ова. Не потпишува договор, го става клубот во неизвесност, а потоа влегува во игра и се однесува непочитувачки. Неговиот однос на теренот го сумираше цел меч на Јунајтед. Најверојатно тој пак ќе заигра за Јунајтед, но сметам дека на тимот нема да му недостига ништо посебно ако не заигра и ако не го облече дресот. Имаше безброј шанси, постојано му недостасува континуитет, но ова што го направи против Ливерпул е непочитување кон менаџерот и своите соиграчи, – заклучува Сколс.