Германската полиција потврди дека спроведува истрага откако во соблекувалната на врвниот ракометен клуб ТуС Мецинген биле пронајдени две скриени камери. Според клубот, неименуван човек кој претходно работел за нив е главниот осомничен, а неговиот договор е раскинат по скандалот во бундеслигашот.

Според „Дер шпигел“, портпаролот на полицијата во Ројтлинген за локалниот весник објавил дека се пронајдени докази против човекот, кој може да заработи две години затворска казна поради прекршување на личните права.

„Ова беше одвратен чин и директно непочитување на довербата и сите сме шокирани. Нема да дозволиме ова да ги спречи нашите спортски амбиции. Добивме поддршка од полицијата, другите тимови и од федерацијата“, изјави тренерот на клубот, Ференц Рот.

Ова не е првпат да се случува ваков инцидент во германскиот ракомет. Минатиот септември, беа пронајдени скриени камери во двете соблекувални при мечот против Буххолц и Битигхајм.