Покрај преподобна Матрона и свештеномаченик Онисифор, Црквата денес го слави и Јован Колов. Тој е еден од најголемите египетски подвижници од првите векови.

За него е доволно да се каже следново. Јован Колов отишол во пустината кај некој тивејски старец и останал кај него. Старецот го насадил својот сув стап и му рекол: Полевај го секој ден со една кофа вода, дури не даде плод. А водата била толку далеку, што Јован тргнувал одвечер, а се враќал наутро.

После три години, стапот оживеал и дал плод.

Старецот го набрал плодот, го однел в црква, и им рекол на браќата: Земете, јадете од плодот на послушноста.