Доктор Нико Беќаровски, од Клиниката за токсикологија, преку Фејсбук статус открива низ што сѐ се соочуваат докторите за време на дежурство и кога доаѓаат во контакт со проблематични пациенти и нивни роднини.

ДЕЖУРСТВО или SURVIVAL ??

На 7 јануари, сега веќе предалечната 1989 година, го имав своето прво дежурство како лекар.

Од тој ден па се до вчерашното дежурство, во овие 33 години дежурав преку 1800 пати, т.е. околу 5 цели години од својот живот, удобноста на креветот и мирниот сон, ги заменив со адреналинот и стресот што го носи секое дежурство.

Повеќе од 30.000 наши граѓани од целата Република во изминатите години биле прегледани од мене во доцните ноќни саати, кога очните капаци сами и неволно ги покриваат очите, а мозокот се труди и покрај заморот да ја постави точната дијагноза и соодветниот третман.

До пред 15-тина години ова саможртвување на „ноќните вампири“ со бел мантил колку толку се почитуваше и во ноќните часови се одеше на преглед од крајна нужда и со должен респект кон вработените. Секој звук од сирената на Брза Помош или ѕвонење на влезната врата, беше аларм за целата дежурна екипа дека следува уште една борба за спасување на нечиј живот.

За жал секоја година и секој нов ден дежурствата, посебно во ургентните одделенија, се претворија во арена на исфрустрирани насилници, „мангупи“ кои сакаат да го „изиграат“ мој термин и пациенти чиј главен симптом е „знаеш ли кој сум јас“, „сега ќе свртам кај Министерот“ и „од утре леташ од работа“. Пцуењата на сите членови на нашите фамилии, заканите по живот итн. за жал станаа нашето „ноќно освежување“.

Трагично и крајно загрижувачки е што 99% од овие „полноќни каубои“ се млади лица, родени и едуцирани во македонската демократија.

Почитувани мои, еден од основните закони во природата е законот на акција и реакција. Агресијата секогаш создава одбојност, одбојноста недоверба, а ДОВЕРБАТА е основната карика во односот доктор-пациент.

Во вакви нездрави односи, „најмудро“ е „паметниот да му попушти на будалиот“ и токму затоа белите мантили одлетуваат во поцивилизирани средини.

Без прецизен закон за правата и должностите на сите субјекти во здравствениот систем и доследно казнување на сите насилници, се повеќе бели мантили ќе ја играат својата лебедова песна во македонскиот јавен здравствен систем.

П.С.
Да не се чудите како е можно да пушат цигара во болничка соба СО КИСЛОРОД. Каубојците и со чизми во кревет спијат – пишува д-р Беќаровски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.