Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека руските напади врз Украина се сериозен момент за безбедноста во Европа. Но, Столтенберг не кажа дали Алијансата ќе преземе некоја конкретна акција против Русија. Столтенберг рече дека руските лидери ќе одговараат за своите постапки и за загубените животи.

„Имаме војна во Европа, од размери и тип за кој мислевме дека припаѓа на историјата. Овој неоправдан и неиспровоциран напад врз Украина ги загрозува животите на многу луѓе. Ова е намерна и ладнокрвна инвазија која е планирана долго време“, рече Столтенберг.

Истото го кажа и американскиот претседател Џо Бајден во првата реакција по нападите. САД и нивните сојузници ќе воведат „строги санкции“ кон Русија. За време на телефонскиот разговор со украинскиот претседател Бајден го информирал за чекорите што Вашингтон ќе ги преземе против Русија, вклучително и специјален состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации и состанок со лидерите на групата на седумте најразвиени земји.

И претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави санкции, барајќи од Русија да ја повлече својата војска и да го почитува територијалниот интегритет на Украина.

„Целта на овој пакет ќе бидат стратешките сектори на руската економија со блокирање на нивниот пристап до клучните технологии и пазари. Ќе ја ослабиме економската база на Русија и нејзиниот капацитет за модернизација“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Германскиот канцелар рускиот напад го нарече војна на Владимир Путин.

„Путин им носи страдање и уништување на своите соседи, го крши суверенитетот и границите на Украина, ги загрозува животите на невините луѓе во Украина. Тој му се заканува на мирниот поредок на нашиот континент. Нема оправдување за ова. Ова е војна на Путин“, порача Олаф Шолц, германски канцелар.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се противи на руската воена операција. Турското Министерство за надворешни работи ја повика Руската Федерација веднаш да го прекине,како што наведоа, овој незаконски чин.

„Нападот на Русија врз Украина ги поништи договорите од Минск, го прекрши меѓународното право и е неприфатлив. Нападот е сериозен удар за регионалниот мир и стабилност“, рече Ердоган.

Руските напади ги коментираше и кинеското МНР, велејќи дека прашањето за Украина е сложено од историски аспект, изразувајќи уверување дека засегнатите страни нема да ја затворат вратата за мир и оти ќе се вклучат во дијалог и консултации, за да се спречи понатамошна ескалација.

Исуф Кадриу