Врховниот командант на НАТО во Европа, генерал Алексус Гринкевич, процени дека САД и Европската Унија имаат година и пол да се подготват за потенцијален глобален вооружен конфликт со Кина и Русија.

Тој додаде дека верува оти Пекинг и Москва би можеле да нападнат истовремено и координирано, пренесува „Билд“.

– Она што кинескиот лидер Си Џинпинг веројатно ќе го направи пред да одлучи да преземе воена акција против Тајван е да му се јави на својот пријател Путин и да го замоли за помош. Тоа за мене значи дека обете работи би можеле да се случат истовремено – рече Гринкевич за време на конференцијата за одбрана во Висбаден, Германија, каде што се наоѓа Командата на НАТО за безбедносна помош и обука на вооружените сили на Украина.

 

Тој додаде дека 2027 година би можела да биде „потенцијална кризна година“.

– Ќе ни треба секое оружје, опрема и муниција што можеме да ја набавиме за да бидеме подготвени – нагласи командантот на НАТО.

Според германскиот весник, во владините кругови во Берлин расте стравот дека Русија наскоро би можела да нападне една од помалите земји-членки на НАТО, бидејќи се очекува земјите од Алијансата да постигнат сериозни одбранбени способности дури во 2029 година.

Според „Билд“, некои министри во владата на Фридрих Мерц очекуваат дека руска воена провокација би можела да се случи во 2027 година.

Текстот САД и ЕУ имаат 18 месеци да се подготват за можен вооружен конфликт со Кина и Русија, кажа командант на НАТО е превземен од МАКФАКС.