САД воведоа нови санкции против Русија кои го опфаќаат потесното опкружување на рускиот претседател Владимир Путин, вклучувајќи ги и неговите ќерки.

На списокот за санкции е и семејството на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров.

Ваквите мерки следуваат по новите обвинувања од Западот за воени злосторства во Украина откако во јавноста излегоа потресните слики и снимки со мртви тела по улиците на украинскиот град Буча.

Прашан зошто мерките ги таргетираат ќерките на Путин, висок функционер од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, одговорил дека САД сметаат оти тие можеби имаат контрола врз некои од имотите на нивниот татко.

„Имаме причина да веруваме дека Путин и многу негови пријатели и олигарси го кријат своето богатство. Веруваме дека голем дел од имотот на Путин се скриени кај членови на семејството и затоа ги таргетираме нив со санкциите“,вели функционерот, пренесува Би-би-си.

Според неговата изјава, преку членови своите на семејства, рускиот претседател и лица од неговото опкружување, своите финансиски средства ги пренесуваат во американскиот финансиски систем, како и во други држави низ светот.

Новите санкции на Белата куќа вклучуваат и забрана за нови инвестиции во Русија, како и санкции за најголемата приватна руска банка Алфа и најголемата финансиска институција Сбербанк.

Санкции за Сбербанк воведе и Велика Британија, која исто така се обврза да го прекине и целиот увоз на руски јаглен и нафта до крајот на 2022 година.