Во градовите Киев и Лавов утринава се слушнаа силни експлозии, по најавите од Русија дека ќе ги интензивира нападите врз главниот град на Украина по потопувањето на воениот брод Москва во Црното Море. Русија нападна фабрика надвор од Киев, каде што се тврди дека биле произведени ракетите со кои бил погоден бродот.

Освен во Киев и Лавов и во многу други делови на Украина се слушаа сирени за воздушни напади.

Велика Британија тврди дека руските напади врз цивилната инфраструктура ја попречуваат испораката на хуманитарна помош за цивилите во областите каде што руските војници се повлекле. „Руските војници ја влошија ситуацијата со уништување на мостови, поставување мини и напуштање на воени возила долж клучните патишта додека се повлекуваа од северна Украина“, соопшти британското Министерство за одбрана.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски искоментира дека меѓународните санкции против Русија ќе одредат колку долго ќе трае војната.

„Санкциите против Русија се многу сериозни, тие се економски болни. Но, тие не се доволни за да се спречи руската воена машинерија. Треба да промовираме посилни, подеструктивни санкции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Според Зеленски, меѓу 2.500 и 3.000 украински војници досега загинале, а околу 10.000 други биле ранети. Но, тој нема податоци за бројот на убиени цивили.  Што се однесува до бројот на загинати руски војници, тој процени дека се од 19.000 до 20.000. Но, Русија тврди дека досега ѝ загинале 1.350 војници. /Алсат.мк

Арта Тахири