Украина денеска не отвори хуманитарни коридори за евакуација на цивили. Високи владини претставници соопштија дека разузнавачките извештаи предупредуваат оти руските сили може да ја нападнат областа. Градоначалникот на пристанишниот град Мариупол повика на итна евакуација на цивилите, бидејќи рече дека регионот е на работ на хуманитарна катастрофа. Вадим Бојченко тврди дека 160 илјади граѓани се заробени без вода и храна, а десетици автобуси чекаат да ги евакуираат жителите. 31-годишна жена која пред неколку дена успеала да го напушти Мариупол ја опиша ситуацијата како страшна.

„Ситуацијата во Мариупол е ужасна. Тоа е хуманитарна криза. Русите вршат масовни убиства. Бројот на жители за кои се верува дека се заробени, според официјалните власти е од 100 до 200 илјади. Но, мислам дека е близу 300 илјади“, изјави Алина Бескровна, бегалка од Мариупол.

Жителите на Мариупол, како што рече, немаат ниту вода, ниту храна.

„Го топиме снегот за да пиеме. Готвиме на оган под гранатирање и бомби бидејќи немаме што да јадеме“, нагласи Алина Бескровна, бегалка од Мариупол.

Бомбардирања и жестоки борби продолжија и во други делови на Украина. Во меѓувреме, украинскиот заменик-министер за одбрана рече дека руските сили се прегрупираат, но не можат никаде да напредуваат. Хана Маљар информираше дека руските сили се повлекуваат во Белорусија, најверојатно за да се подготват за нови обиди да го опколат Киев. Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека одвратила пет руски напади во источните региони на земјата.

Се вели дека руските војници се повлекле и од градот што го окупираа во близина на нуклеарната централа Чернобил. Градоначалникот Јуриј Фомичев рече дека војниците ја завршиле работата и го напуштиле градот Славутич, каде што живеат вработените во централата.

Ден претходно, шефот на воената тајна служба на Украина ја обвини Русија дека има намера да ја подели Украина на две држави, како Северна и Јужна Кореја.
Според ОН, околу 1.200 цивили се убиени од почетокот на војната, а има повеќе од 3,8 милиони бегалци.

Семра Мусаи