Русија им нареди на украинските сили кои сè уште го бранат опколениот град Мариупол да го предадат оружјето. Ултиматумот доаѓа додека Москва го продолжува со својот безмилосен и деструктивен напад врз југоисточниот град. Околу 100.000 луѓе остануваат заглавени во Мариупол и неговата околина, додека претседателот Зеленски ситуацијата во пристанишниот град ја оцени како нехумана.

„Ситуацијата во Мариупол останува исклучително сериозна. Тоа е едноставно нехумано. Тоа го прави Русија. Намерно продолжува да уништува градови. Намерно се обидува да ги уништи сите во Мариупол“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски вчера рече дека ако Русија ја уништи целата украинска војска во Мариупол, мировните преговори нема да продолжат.

„Кога војната ќе заврши, можеме да размислуваме за дипломатија. Сакаат да го решат проблемот дипломатски, но кога има војна тоа е многу тешко. Затоа сакаат да преземат дел од нашата територија, да окупираат што повеќе за да вршат притисок. Тогаш не се работи за дипломатија, зошто тогаш се среќаваме?“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во меѓувреме руското бомбардирање на Киев не престанува. Локалните власти објавија дека утринава на периферијата на главниот град биле уништени објекти од електричната и водоводната мрежа. Борбите се интензивираа и во источна Украина, каде Русија ги концентрираше своите сили во последните недели. Во меѓувреме, почнаа да стигнуваат дел од пратките со американско оружје откако на почетокот на оваа недела, претседателот Џо Бајден одобри дополнителни 800 милиони долари воена помош за Украина./Алсат.мк