Руските сили го напаѓаат градот Лисичанск и неговата околина во сеопфатни напори да го заземат последниот бастион на отпорот во источната украинска провинција Луганск, изјави гувернерот на оваа провинција Серхиј Хаидаи.

Advertisements

Украинските борци со недели се обидуваат да го одбранат градот за тој да не падне во рацете на Русија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили ја презеле контролата врз рафинеријата за нафта во предградието на Лисичанск, но украинскиот гувернер тврди дека борбите за објектот продолжуваат.

Луганск и Доњецк се двете провинции што го сочинуваат регионот Донбас, каде Русија ја фокусираше својата офанзива откако пролетта се повлече од северна Украина и од околината на Киев.

Во меѓувреме, Украина ја обвини руската војска за фрлање фосфорни бомби на Змискиот остров, веднаш по повлекувањето. Москва пак, тврди дека го напуштиле островот како „гест на добра волја“ за да помогне во деблокирањето на извозот на жито.

Од друга страна, Европската унија предложи 1 милијарда евра како итна помош за Украина за поддршка на готовинските потреби на земјата. САД, исто така, планираат да испратат дополнително оружје и муниција во вредност од 820 милиони долари.