Руската Дума едногласно ги ратификуваше договорите за пријателство, соработка и заемна помош со самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск. Ваквиот чекор доаѓа по вчерашната одлука на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на овие региони во источна Украина.

„Според договорот, страните ќе соработуваат на полето на надворешната политика, заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста, вклучително и заемна помош, вклучително и воена соработка, давајќи им право да градат, користат и развиваат воена инфраструктура и воени бази на нивна територија“, рече Андреј Руденко, заменик министер за надворешни работи на Русија

Но, претседателот на Украина истакна дека и покрај ваквите случувања, границите на Украина остануваат непроменети и ја повика Русија ситуацијата да се реши преку дијалог.

„Веруваме дека нема да има војна од големи размери против Украина и оти ситуацијата нема да ескалира во големи размери од страна на Русите. Но, ако тоа се случи, ќе го активираме законот за воена состојба“, вели Володимир Зеленски, претседател на Украина

Последните случувања во Украина ги кренаа на нозе светските лидери и меѓународните организации. Тие ја осудија одлуката на претседателот Путин и воведоа серија остри санкции против Москва. Првиот удар дојде од Германија, која го суспендираше ставањето во функција на веќе изградениот гасовод „Северен тек 2“. Проектот има за цел да испорачува руски гас во Германија.

„Без овој сертификат, „Северен тек 2“ не може да биде пуштен во употреба. Во оваа фаза, важно е да се спречи понатамошна ескалација и катастрофа“, вели Олаф Шолц, канцелар на Германија

По, ова реагираше Москва. Според заменик-претседателот на Советот за национална безбедност, Дмитриј Медведев, во ваква ситуација Европејците треба да се спремат да плаќаат по 2.000 евра за кубен метар гас.

Официјален Лондон најави дека ќе санкционира руски банки и богати тајкуни.

„Денеска Обединетото Кралство санкционира пет руски банки: Росија, ИС Банка, Генерал Банка, Промсвијаз Банка и Блек Си Банк. Исто така санкционираме и три лица со високи приходи“, изјави Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство

Со итна реакција се огласија и САД. Американскиот претседател Бајден издаде извршна наредба со која „ќе се забранат какви било нови инвестиции, трговија и американско финансирање на лица поврзани со двете провинции Доњецк и Луганск. Вашингтон додаде дека ќе следат уште построги мерки доколку Москва започне општа офанзива врз Украина. Додека целиот свет ги чека следните чекори на Путин, неговиот портпарол рече дека Кремљ и понатаму е заинтересиран за изнаоѓање решение преку дипломатски пат. /Алсат.мк

Семра Мусаи