Ракометниот клуб Вардар се засили со членот на златната генерација на хрватската репрезентација, Венио Лосерт, кој ќе го замени Александар Рогановиќ и ќе им биде нов тренер на голманите во таборот на „црвено-црните“.

Рогановиќ заминува од екипата поради здравствени проблеми, а Лосерт во моментов работи и како тренер на голманите во ракометната репрезентација на Египет.

„Доаѓам во Вардар и секако дека тоа е еден нов предизвик за мене. Кога работиш со клуб треба да се грижиш голманите да бидат постојано во форма и да нема осцилации. Со репрезентација се работи за одржување и подобрување на формата за пократок период. Кога Дејвис се договори со Вардар, ме праша дали сум заинтересиран да му помогнам. Од Египет ми дозволија, и ете сум во Вардар. Го следев Вардар во ЛШ и можам да кажам дека има добри и квалитетни голмани. Ќе се обидам да помогнам, да бидат уште подобри и поконстантни. Верувам ќе имаме добри резултати“, кажа Лосерт.

Хрватот работеше и уште во Веспрем во 2016 година, а беше и тренер на голманите на младинските селекции и сениорскиот тим на Хрватска, која го освои сребрениот медал на Европското првенство (ЕП).