Македонската дипломатија исправена пред нов предизвик – не стивнуваат тензиите меѓу Москва и Киев, а напорите за деескалација се префрлуваат кон ОБСЕ. Токму со оваа организација Скопје ќе претседава од наредната година, а во моментов во рацете на Полска е обидот да се креира атмосфера за дијалог.

„Се ќе зависи од тоа како ќе се развива овој потенцијален конфликт. Да се надеваме дека во текот на оваа 2022 година Полска би го имала тој предизвик да го менаџира и на некој начин да посредува“, рече Милан Стефановски – безбедносен аналитичар.

Стефановски смета дека имаме институционални капацитети да претседаваме со организација како ОБСЕ, но во еден конфликт како руско-украинскиот единствено би можеле да ни послужат лекциите од минатото.

„Би можеле, од нашето искуство на решавање конфликти ако се сеќавате, тука е Охридскиот рамковен договор, Кумановскиот договор и генерално на Балканот имаме некое искуство, да посредуваме и да можеме да промовираме мир“, изјави Милан Стефановски – безбедносен аналитичар.

Според Стефановски ако конфликтот добие силен интензитет, тој би имал страшни последици по Европската унија и светот и неговите очекувања се дека тој ќе остане во овие рамки – на војување преку психолошки притисок.

Во меѓувреме, според извештаите на специјалната мисија на ОБСЕ во Украина, нивните набљудувачи се соочуваат со голем број забрани на движење, особено во регионите на Доњецк и Луганск.

Полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау неодамна потенцира дека нивниот приоритет во ОБСЕ ќе биде поставен на ранливите групи, кои, како што вели, најмногу страдаат за време на еден продолжен конфликт.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи пак, на последната средба со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин го реафирмирал повикот за отворен дијалог во рамките на Советот НАТО – Русија и во ОБСЕ со цел унапредување на европската безбедност.

Лука Андреев