Реал Мадрид славеше со 2-0 на градското дерби против Атлетико Мадрид, зголемувајќи си ја предност во однос на актуелниот првак во трката за титулата во шпанскиот шампионат.

Карим Бензема го постигна првиот гол со извонреден волеј по асистенцијата на Винисиус, по што Французинот на паузата меѓу двете полувремиња беше заменет со Лука Јовиќ.

Од српскиот напаѓач почна акцијата за вториот гол, тој одлично го проигра Винисиус, а Бразилецот додаде до Асенсио, кој од прва го матираше Јан Облак.

Атлетико најубавите шанси ги имаше при слободни удари, но Куртоа денеска имаше одличен ден, не дозволувајќи им на ривалите ниту еднаш да ја затресат неговата мрежа.

Избраниците на Карло Анчелоти имаат удобна предност на врвот на табелата со вкупно 42 бода, осум повеќе (и меч повеќе) во однос на второпласираната Севилја и дури 13 бода предност во однос на Атлетико Мадрид, кој по последните два порази падна на четвртото место.