Францускиот гигант Пари Сен Жермен чека погоден момент за да го донесе и Кристијано Роналдо на „Паркот на принцовите“ и да биде првиот клуб кој ги споил двајцата најдобри фудбалери на денешницата, откако летоска во Париз дојде и Лионел Меси.

Француски медиуми најавуваат дека ПСЖ многу внимателно ја следи ситуацијата со Роналдо, посебно после информациите дека Португалецот веќе на лето може да си замине од Манчестер јунајтед, зашто неговиот кам-бек на „Олд Трафорд“ после 12 години не е како што замислуваше, а „црвените ѓаволи“ не се конкурентни во моментов за најважните трофеи.

Роналдо во Јунајтед има договор до 2023 година, до кога во Париз има договор и Лионел Меси со опција за продолжување на соработката, па парижаните сега се надеваат дека веќе на лето можат да го искористат моментот за ангажман на Роналдо, дури и да платат колку треба за отштета, за да предизвикаат нов фудбалски земјотрес.

ПСЖ е решен да го направи најѕвездениот тим во историјата, а адут за ангажман на Роналдо ќе биде и Зинедин Зидан, француската легенда во чиј мандат како кормилар на Реал Мадрид со Роналдо во тимот беа освоени три европски титули по ред, а покрај него и Пол Погба е уште едното бомбастично засилување за кое се надеваат на „Паркот на принцовите“.

Роналдо и Меси во изминативе безмалку деценија ипол беа најголемите ривали и ретко кој помислува(ше) дека можно е да се најдат во ист клуб, ама очигледно Катарецот Насер Ал Келаифи е решен да направи сѐ за ПСЖ.