Професорот Дејан Трајковски кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во последната објава тврди дека најдобра стратегија во борбата со новиот сол омикрон е вакцинирањето со трета доза на постарите, а особено постарите вакцинирани со кинеските вакцини.

“Во Јужноафриканската Република (ЈАР) ефективниот репродукциски број Rt (преносливоста) го достигна максимумот и веќе опадна под 2.

Тоа значи дека бранот на новите случаи е веќе во горната половина (горниот дијаграм на втората слика), т.е. од сегашните 260 нови случаи на милион жители дневно би можеле да стигнат до околу 500-600 случаи на милион, што не е нешто спектакуларно, барем за нас. Тоа би било како во Македонија да имаме на врвот 1.000-1.200 случаи дневно, а сме имале и многу повеќе.
Од друга страна, не се забележува раст на бројот на починати (долниот дијаграм на втората слика), иако бранот на Омикрон сојот не е од вчера, односно поинтензивниот раст трае веќе цел месец.
Малиот број на смртни случаи, земајќи го предвид и временското доцнење од 10 дена зад бројот на дијагностицирани, дава екстремно ниски вредности за стапката на леталитет (Case Fatality Rate – CFR – на дијаграмот на третата слика). Тоа би значело дека, доколку го замениме Делта сојот со Омикрон сојот, иако во прво време би мале голем број на нови заразени случаи и приближно ист број на смртни случаи, за кратко време бројот на починати би се намалил, како што би се намалувало новозаразувањето. Како што на шега рече вирусологот Шеклер, би имало смисла да испратиме авион во ЈАР за да ни го донесе Омикрон сојот, па така да се спасиме од поопасниот Делта сој.
Во ЈАР учеството на Омикрон сојот достигна 100%, односно веќе целосно го истисна Делта сојот од циркулација. Просто кажано, Омикрон доаѓа побргу до своите жртви и Делта сојот не може да стигне да остави „наследници“.
Моментално бројот на нови случаи во ЈАР се удвојува за околу 3 дена. Доколку серискиот интервал (времето од прикажување симптоми кај заразениот во однос на прикажувањето симптоми кај заразувачот) за Омикрон сојот изнесува исто така 3 дена (приближно толку изнесуваше за Делта сојот), Rt точно би изнесувал 2,0, како што гледаме на првиот дијаграм.
Значи, дури ни речиси целосната неефикасност на двете дози вакцини и значителната неефикасност на прележувањето, што прават голем дел од досега заштитената популација да стане одново сусцептибилна (чувствителна) на заразување, не го кренале многу ефективниот репродукциски број Rt. Всушност, Rt не се кренал поради многу поголем R0 (базичен репродукциски број), туку поради одеднаш зголемениот број на сусцептибилни, поради падот на заштитата. Можно е R0 за Омикрон сојот да не е поголем од R0 на Делта сојот, односно поголем е само Rt, т.е. способноста за пренесување кај сусцептибилните.
Во вакви околности, како најдобра стратегија изгледа вакцинирањето со трета доза на постарите, а особено постарите вакцинирани со кинеските вакцини. Тие не би требало да се изложуваат на ризик од заразување не само со Омикрон туку и со Делта сојот. Тие коишто досега не прележале и не се вакцинирале, би било добро да ги примат двете дози од досегашните вакцини. Оне коишто прележале, па уште ако дополнително се вакцинирале, можат без страв да ги почекаат најновите, модифицирани вакцини од Фајзер против Омикрон сојот. Вакцинираните непрележани би можеле да примат трета доза (бустер) од досегашната вакцина на Фајзер.
Ниту едно заразување не е пријатно, но ако веќе не можеме да го избегнеме, добро е да знаеме дека не е толку многу опасно, особено ако веќе имаме определен степен на имунитет“, напиша проф. Трајковски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.