Од српското здружение „Еколошко востание“, заедно со четириесетина иницијативи и движења, велат дека одлучиле да продолжат со протестите и додаваат дека се далеку од победа и од славење и ги повикаа граѓаните ширум Србија да излезат на протест в сабота.

Според информации на здружението, блокади и протести ќе има во Белград и во триесетина други града ширум Србија, но и пред седиштето на „Рио Тинто“ во Лондон.

„Повлекувањето на предаторските закони е добар знак, но тоа е далеку од победа. Сите тајни договори и меморандуми со рудникот за литиум ‘Рио Тинто’, потпишани или од поранешната или од сегашната власт, мора да им бидат достапни на граѓаните и под итно да се поништат“, велат од здружението.

Посебен акцент, како што велат од здружението, е ставен на поддршката на официјалната иницијатива на граѓаните на Лозница, потпишана од повеќе од 5 400 граѓани, со која се бара бришење на рудникот за ископување литиум од просторниот план на Лозница. Од еколошките здруженија повикуваат и пристапност на јавните сервиси за експерти од областа, кои би ја објасниле опасноста од изградбата на рудникот за откопување литиум.

„Еколошкото востание“ упати и апел до полицијата законски да ги обезбедува собирите и да не врши никакви заплашувања, но и да ги поништи незаконските прекршочни пријави на граѓаните од минатите протести.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средата го врати во собранието Законот за експропријација, а денеска пратениците на предлог на владата ќе ги разгледаат измените на Законот за референдум и народната иницијатива.