Руските авиони продолжија да го бомбардираат градот Житомир, а со артилериски оган се стрела и врз предградијата на главниот град Киев и Харков кој е втор по големина во Украина. Цел на нападите беа и цивилни објекти, а локалните власти пријавуваат жртви и повредени.

Руското Министерство за одбрана денеска објави нова снимка од воздушни напади. Во придружниот текст стои дека „екипажите на современите борбени хеликоптери Ми-28н и Ка-52 извршиле воздушни напади врз оклопни возила на Вооружените сили на Украина“.

Во меѓувреме и украинските сили продолжуваат со отпорот и повторно употребија турски беспилотни летала Бајрактар за напад врз конвои со руски воени возила и ракетни системи.

Во нападите со беспилотни летала погодени беа колони на неколку автопати кои водат кон Киев кој веќе се подготвува за тешка битка со руските сили.

Вашингтон го отфрли предлогот на Варшава за пренесување на полски борбени авиони МиГ-29 во Украина преку американската воена база Рамштајн во Германија, како дел од обидите Западот да најде начин да му помогне на Киев, но при тоа Западот да остане на страна од војна со Москва, која поседува нуклеарно оружје. Американската потпретседателка Камала Харис при посетата на Полска не прецизираше како ќе ѝ помогне на Украина по отфрлањето на полскиот предлог. Харис повеќе се фокусираше на храброста на украинскиот народ кој се бори против руската агресија.

„Очите на светот се вперени во храбриот народ на Украина. Тие се борат. Тие се борат не само да ги заштитат своите домови и семејства, туку да ја заштитат нивната демократија, нивната слобода, нивниот суверенитет и нивниот територијален интегритет. И ние сме со нив. Стоиме со народот на Украина во оваа војна“, рече Камала Харис, потпретседателка на Соединетите Држави.

Официјалната американска проценка за бројот на убиени руски војници во првите две недели од војната е меѓу 5.000 и 6.000. Бројот на ранети се смета дека е меѓу 15.000 и 18.000. Украина пак, тврди дека 12.000 руски војници биле убиени во борбите. Минатата недела Русија соопшти дека загинале помалку од 500 нејзини војници, а загубите во редовите на украинските сили, според Москва, се многу пати поголеми. Русија тврди дека веќе ги уништила главните капацитети на украинската армија.

Исуф Кадриу