Аргентина ќе ја напушти Светската здравствена организација (СЗО) поради неадекватното управување со пандемијата на Ковид-19, изјави денеска портпаролот на десничарскиот претседател Хавиер Милеј, пренесува ДПА.
„Претседателот нареди повлекување од СЗО поради длабоките разлики во врска со управувањето на СЗО, особено за време на пандемијата на ковид-19“, изјави Мануел Адорни, мислејќи на воведувањето на повеќемесечен карантин во Аргентина за време на владеењето на претходната левичарска влада.
Оваа одлука следи две недели откако претседателот Доналд Трамп ја најави американската одлука да ја напушти оваа здравствена организација на првиот ден од неговиот втор мандат.
На почетокот на пандемијата во 2020 година и Јужна Америка, како и Аргентина, воведе многу строги мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот.
Полициски час беше во сила подолго отколку во речиси која било друга земја на светот и, во некои случаи, луѓето можеа да излегуваат од своите домови само за неопходни набавки и лекарски прегледи.