По долг третман со матични клетки Ана Марија си замина од Клиниката за хематологија, објави на својата страница на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче, честитајќи му на храброста на нејзниот брат Никола, кој беше донатор.

Деветгодишниот Никола од Скопје е првото дете-донор на периферни матични клетки во Македонија кои беа искористени за лекување на неговата 15-годишна сестра која боледува од акутна леукемија.

На Ана Марија и беше извршена трансплантација на коскена срцевина и таа ја победи опасната болест.

Ова прекрасно семејство го запознав на Клиниката за хематологија, си заминаа од болница по долгиот третман кој го водеше стручниот лекарски тим на Клиниката. На моите колеги им честитам за уште еден успех и триумф над опасната болест. На Ана Марија и Никола им посакувам безброј среќни моменти и многу здравје, напиша Филипче.

На Никола трипати му бил извртен целиот волумен на крвта за се извлечат матичните клетки што значат живот за неговата сестра. Трансплантацијата на матични клетки е единствен спас за пациентите со акутна леукемија. Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува првпат на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија.

Медицинскиот тим бил предводен од проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и шефот на Одделот за трансплантација на матични клетки д-р Александра Пивкова Вељановска.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.