Репрезентативната пауза и дефинитивно е завршена, штом веќе го броиме вториот месец од годината, а тоа обично значи пеколни обврски за РК Вардар. Оваа година е малку поразлично и за нијанса потешко, бидејќи покрај СЕХА-лигата и Лигата на шампионите, тука се и натпреварите од домашното првенство. Пеколот почнува со Нексе, денеска од 18 часот.

Во минатите сезони, во февруари веќе беше начната, ако не и преполовена сезоната во СЕХА-лигата, но овој пат регионалното натпреварување доцна ја отвора сезоната. Денешниот натпревар со Нексе е прв од шесте кои му претстојат на Вардар во фазата по групи, но истовремено прв од една пеколна агенда која почнува денеска и трае во следните 20 дена. Во нив Вардар ќе одигра девет натпревари, а тоа значи без малку и математики прецизен просек од играње секој втор ден.

4 февруари: Вардар – Нексе

6 февруари: Вардар – Пролет

8 февруари: Војводина – Вардар

9/10 февруари: Прилеп – Вардар

12/13 февруари: Вардар – Е. Пелистер 2

16 февруари: Монпелје – Вардар

18 февруари: Нексе – Вардар

20 февруари: Тиквеш – Вардар

23 февруари: ППД Загреб – Вардар

Ова не значи дека тука завршуваат обврските за месецов, бидејќи на 27 февруари треба да се игра последното коло од Суперлигата, против Струга. На сето ова, кој знае што ќе се случи дотогаш со Металург и дали Ракометната федерација ќе го санкционира натпреварот кој требаше да се игра во средата како службен за Вардар или, пак, ќе треба да му се бара дополнителен термин.

Листата од погоре можно е да претрпи и мали промени, кога се во прашање домашните дуели, но дури и да сака да презакажува Вардар нема кога. И во првата недела од март го чекаат два меча во ЛШ (Елверум и Мешков Брест), кои ќе бидат опасно важни за пласманот во осминафиналето. Се разбира, во вакви ситуации за тренерите важи мотото „секој следен натпревар е финале“, а во случајов тоа може да не е само фраза, бидејќи Давид Дејвис ќе дебитира вечерва против Нексе, па победа на премиерата секогаш има непроценлива вредност.

Во слична ситуација е и Еурофарм Пелистер, кој исто така се бие на три фронта, но ќе одигра два меча помалку во февруари, осум во Суперлигата, СЕХА-лигата и во Европската лига.