Фудбалската репрезентација на Македонија ги прави последните подготовки во пресрет на историскиот бараж за Светското првенство во Катар.

„Остануваат уште 90 историски минути во квалификациите за Светското првенство во Катар 2022. Се работи за 90 минути фудбал кои треба да се одиграат на стадионот Драгао, каде фудбалерите на Македонија се надеваат на историски успех за првпат да обезбедат билет за Светското првенство во Катар 2022 година“.

Сите во македонскиот камп во Порто се оптимисти за позитивен резултат, но свесни се дека пред себе имаат поинаков тим од оној во Палермо, каде со 1:0 го совладаа европскиот шампион Италија. Елиф Елмас и Тихомир Костадинов дополнително ќе го засилат средниот ред и нападот на Македонија, а селекторот Милевски инсистира на одржување на последниот тренинг пред да ги соопшти имињата на првиот состав.

Во меѓувреме, медиумите во Португалија пишуваат дека враќањето на дефанзивците Пепе и Кансело го израдувало селекторот Фернандо Сантош, кој неколку пати истакна дека Португалија треба да внимава на Македонија која во квалификацискиот циклус ги победи Германија и Италија. Секако, селекторот Сантош ќе ги открие сите дилеми откако Португалија ќе го одработи последниот тренинг. Сепак, не треба да се заборави дека репрезентациите од Балканот како Србија, Хрватска, Албанија, па дури и Босна и Херцеговина забележаа позитивни резултати против Португалија. Ова ќе биде трет натпревар откако Македонија претходно имаше еден нерешен резултат и еден пораз на пријателските натпревари против Португалците.

Махир Тачи

Прикажи повеќе