Британец, шетајќи се на една плажа, пронашол зелено шише со порака којашто патувала од Бахамите до Англија дури 21 година.

Според тамошните медиуми, Криспин Бентон бил на прошетка на „Касл Бич“ во Фолмут, југозападна Англија, кога го пронашол шишето минатата недела, еден ден, по работното време. Студент кој случајно се нашол на плажата, го снимил Бентон и двајцата заедно го отвориле шишето.

– Имаше плима… Го зедов шишето, а потоа си помислив: „О Боже, има порака“! Па, малку и се возбудив… Тоа беше писмо од девојче од Канада. Во прекрасно сочувана состојба – а шишето беше затворено. Навистина морав да потегнам за да ја тргнам тапата!, раскажува Бентон.

„Ве молам, не загадувајте“, пишува во пораката.

Станува збор за рачно напишано писмо од Ана, која во 2001. имала 6 години. Еколошки свесното девојче вели дека е од Канада и го поканува пронаоѓачот да контактира со неа. На адресата што ја напишала, денес има индустриски комплекс.