Ждрепката за Светското првенство на ФИФА, за играчи до 20 години во Индонезија, следната недела ќе биде одложена, изјави извор за Ројтерс откако гувернерот на Бали одби да биде домаќин на израелската репрезентација. Фудбалскиот сојуз на Индонезија (ФСИ), објави дека ждрепката закажана за петок е откажана и ФИФА се уште врши проверки за подготвеноста на турнирот.

Advertisements

Турнирот со 24 тима треба да се одржи од 20 мај до 11 јуни во шест градови во Индонезија, а Израел ќе го има своето деби во натпреварувањето. „Џакарта пост“ објави претходно овој месец дека гувернерот на Бали, Вајан Костер, напишал писмо до Министерството за млади и спорт барајќи од нив „да усвојат политика за забрана на израелскиот тим да се натпреварува на Бали“, поради конфликтот со Палестина.

На почетокот на овој месец, демонстрантите маршираа низ главниот град Џакарта, веејќи знамиња на Индонезија и Палестина, барајќи да не му се дозволи на Израел да учествува на првенствот.

Населението на Индонезија е претежно муслиманско. Повеќето индонезиски муслимани практикуваат умерена верзија на исламот, но во последниве години е забележан пораст на верскиот конзерватизам кој навлезе во политиката. Во текот на изминатата година, израелските сили уапсија илјадници луѓе на Западниот Брег и убија повеќе од 200 Палестинци, вклучувајќи борци и цивили. Во меѓувреме, повеќе од 40 Израелци и тројца Украинци беа убиени во палестинските напади.

Ако Индонезија ги загуби правата за домаќин како резултат, членот на Извршниот одбор на ПССИ, Арија Синулинга, рече дека е загрижен дека санкциите на ФИФА би можеле да го „изолираат индонезискиот фудбал од светот“. Синулинга рече дека се надева на решение каде политиката може да се одвои од спортот, а нејзиниот претседател Ерик Тохир треба да се координира со Министерството за надворешни работи и Министерството за млади и спорт./Makfax