Повеќе од 400 луѓе се спасени од урнатините во Тибет погоден од земјотресот, соопштија денеска кинеските власти.

Тие додадоа дека потрагата по исчезнатите, чиј број сѐ уште не е утврден, продолжува на многу студено време, пренесува „Ројтерс“.

Најмалку 126 лица загинаа, а 188 се повредени во силниот земјотрес што вчера го погоди подножјето на Хималаите во близина на едно од најсветите места на Тибет, соопштија кинеските власти.

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала, еден од најсилните земјотреси во регионот во последните години, се наоѓа во Тингри, на 80-ина километри северно од Монт Еверест, највисокиот врв на светот.

Се почувствувал и во соседните земји Непал, Бутан и Индија.

Непалската национална управа за намалување и управување со ризици од катастрофите (NDRRMA) вчера објави дека потреси се почувствувани во седум ридски области, кои граничат со Тибет.

Беше почната потрага во област со големина на Камбоџа.

Во текот на ноќта температурата се спуштила до минус 18 Целзиусови степени, па луѓето заробени во урнатините или оние без засолниште биле изложени на ризик од брза хипотермија. Експертите наведуваат дека во такви услови луѓето може да преживеат само од 5 до 10 часа, дури и ако не се повредени.