Повеќе од 270.000 Германци потпишаа онлајн-петиција со која се повикува на национална забрана за приватно користење пиротехника по уште една новогодишна ноќ обележана со смртни случаи и повредени. Повеќе од четвртина милион луѓе ја потпишаа петицијата од попладнево.
„До 30 декември имавме речиси 90.000 потписи“, рече портпаролот на полицискиот синдикат додавајќи дека бројката рапидно пораснала со доаѓањето на новата година. Најмалку пет лица загинаа, а неколку десетици се повредени за време на новогодишните прослави во Германија, каде што за разлика од другите земји во деновите до крајот на годината може да се купат огномети за приватни цели, јавува агенцијата ДПА.
„Веќе нема алтернатива на државната забрана за петарди“, објави БДП.
„Она што го доживеавме оваа година е надвор од границите на прифатливото“, додаваат од синдикатот.
„Повикуваме на сеопфатна забрана за петарди за приватна употреба, како што е случај во многу земји. Ова вклучува и соодветна забрана за продажба на сите оние што не се професионалци во оваа област“, заклучуваат тие.