Грчкиот министер за здравство, Танос Плеврис, во интервју за грчката телевизија „Скај“ ја остави отворена можноста од есен да има ново зголемување на бројот на заразени со Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис истакна дека во овој момент предвидувањата и според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) се дека ќе има зголемување на новозаразените, како што е веќе случај во Европа, но истакна дека тоа нема да донесе и нови мерки или враќање на рестрикциите бидејќи „процената е дека барем до крајот на летото нема да има такво зголемување на притисокот што може да ја промени нормалата“.

-Треба искрено, уште од сега, да им кажам на луѓето дека и ЕЦДЦ и во Европа се подготвени дека во овој период ќе имаме зголемувања и намалувања, без притисок врз здравствениот систем, но треба веројатно од есен па натаму да очекуваме зголемување на случаите на Ковид-19, па дури и со актуелната мутација, рече Плеврис.

За моменталната ситуација со пандемијата во Грција истакна дека во последните 10- 15 дена се забележува зголемување на новите случаи, повтори дека овој пораст се должи и на подваријантата Омикрон и на олабавувањето на мерките, додавајќи дека беше очекувано зголемувањето.

-Но, она што го следиме е колку овој раст ќе го притисне здравствениот систем. Во овој момент нема притисок, односно приемите и отпуштањата од болница се на задоволителен степен. Имавме намалување на приемите, а на одделите за интензивна нега постои деескалација. Исполнети се околу 350 кревети, а за Ковид имаме уште толку празни, објасни министерот за здравство на Грција.

Истакна дека актуелниот бран „во никој случај ги нема карактеристиките на страшен притисок од претходните бранови“.

За процесот на имунизација во земјата, Плеврис рече дека со 72-73 отсто целосно вакцинирано население, постигнат е европскиот просек, а за бустер дозата објасни дека 70-80 проценти од оние кои имаат право да ја примат веќе се вакцинирале.

Во изминатите 24 часа во Грција беа регистрирани 24.256 новозаразени, од 285.146 направени тестови, а починаа 59 лица.

Од почетокот на пандемијата во земјата потврдени се 2.732.866 случаи на Ковид-19 и починаа вкупно 26.792 лица.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.