Лично не стравувам дека ќе се прошири вирусот ковид-19 откако децата ќе престанат да ги носат маските додека се на настава, бидејќи преносот во училиштата е на многу ниско ниво. Ова за Мета го изјави имунологот Д-р Александар Петличковски, претседателот на Комисијата за заразни болести, по најавената одлука за престанок на важноста на одлуката за задолжително носење заштитни маски на настава. За него ваквата одлука е сосема исправна.

Кризниот штаб во петокот ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести и на Владата и упати предлог за измена на одлуката за носење маски во училиштата. На денешната седница на Владата овој предлог беше прифатен и од утре (30 март) ќе важи оваа одлука.

„Денеска имаме 310 нови ковид случаи, бројка која не е голема. Мислам дека одлуката е во ред. Во моментов нема ризик за значајно проширување на вирусот. Има минимален пораст, но не се очекува некоја сериозна промена. И досега маските не беа стопроцентно прифатени, односно децата се дружат постојано. Имаме и резултати од скринингот кои покажаа дека преносот е на многу ниско ниво“, вели Д-р Петличковски.

Според него, вработените односно наставниот кадар треба да носи маски, затоа што, како што појаснува, во таа линија е и препораката на Европската агенција за контрола и превенција од заразни болести, со оглед на тоа дека ризикот за нив е поголем.

„Во градинките, пак, и досега децата постојано беа без задолжително носење на маски, но вработените продолжуваат да носат“, додава тој.

Петличковски потенцира дека одлуката е многу внимателно предложена.

„Мислам дека ситуацијата е многу добра и очекувам во следните неколку недели да има олабавување и на други мерки. Се гледа затишје секако, иако не знаеме на есен каква ќе биде ситуација. Но, ќе имаме мирна пролет и лето“, вели тој.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.