Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за контакт со американскиот претседател Доналд Трамп, Москва чека сигнали и навремено ќе ја информира јавноста за можен разговор, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Слушајте, Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање дали очекува контакти меѓу претседателите на Русија и САД во текот на викендот, додавајќи дека е „тешко да се погоди“ што ќе се случи, објави РИА Новости.
Песков, исто така, рече дека конфликтот во Украина произлегува од заканата за руската национална безбедност и целосното одбивање на Западот да ја слушне загриженоста на руската страна за заканите за Русите кои живеат на територии кои еднострано прогласија отцепување од Украина.
Песков рече претходно дека не гледа ништо ново во предупредувањата и плановите на Трамп за прекин на конфликтот.
Кремљ, и покрај економските предизвици и загубите во војната, верува дека може да го издржи продолжувањето на конфликтот најмалку уште една година, пишува Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори. Рускиот буџет е оптоварен со огромни инвестиции во одбранбената индустрија и компензација за семејствата на загинатите и ранетите војници, додека инфлацијата го зголемува притисокот. Сепак, аналитичарите посочуваат дека Москва сè уште има ресурси да ја продолжи војната, додека руските сили прават бавен, но стратешки напредок на украинска територија.
Текстот Песков: Путин е подготвен за контакт со Трамп, Москва чека сигнали е превземен од МАКФАКС.