Омикрон-сојот се шири исклучително брзо и досега е забележан во 77 земји. Во Македонија сè уште не е регистриран случај на новиот сој, а состојбата со корона вирусот засега е стабилна.

И во светот и кај нас остануваат клучните препораки за заштита и за вакцинација, иако Светската здравствена организација укажа дека вакцините би можеле да бидат помалку ефикасни против инфекции и трансмисии поврзани со омикрон-варијантата на корона вирусот, која има поголема способност за реинфекција. За заштита од новиот сој, СЗО препорачува покрај вакцинацијата да се преземат и санитарни мерки, како лична хигиена, носење маски, проветрување.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува Омикрон да стане доминантна варијанта во Европската Унија до средината на јануари и оти се подготвени да се борат со зголемена вакцинација.

Таа информираше дека досега повеќе од 300 милиони Европејци или 66,6 отсто од популацијата на ЕУ се целосно имунизирани против Ковид-19, а 62 милиони веќе примиле засилена доза од вакцината. ЕК ќе почне и со онлајн информативни кампањи, со цел да ги убеди луѓето да се вакцинираат.

Заклучно со 14 декември во Македонија вакцинирани се 838.987 граѓани, ревакцинирани се 810.990, а трета доза примиле 86.266 граѓани. Вкупно аплицирани се 1.736.243 дози вакцини.

Опфатот со вакцинација со две дози на полнолетната популација е 48 проценти, а 57 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани. Податоците покажуваат дека 22 проценти од вакцинираните граѓани постари од 60 години примиле трета доза вакцина, а опфатот со една доза вакцина на полнолетната популација е 50 проценти – информира Министерството за здравство.

На последната седница на Владата, беше донесена одлука за набавка на вакцини против корона вирусот за 2022 година, со која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од еден отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.

На вчерашната прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски информираше дека вакцинацијата на малолетните лица ќе се одвива со задолжително присуство на родител или старател. Бидејќи вакцини ќе има во доволна количина, нема да има приоритет според возраст, хронични заболувања или критична структура.

Во однос на дозите, десет илјади дози од оваа педијатриска вакцина од „Фајзер“ се иницијална количина што не значи дека ако има интерес нема да се набават дополнителни дози. Вакцинацијата е важно да се укаже дека се одвива без закажан термин. Значи, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или со старател и важно е граѓаните да знаат дека и со оваа одлука вакцини за КОВИД-19 ќе има во доволна количина, дека нема приоретизирање според возраста, хронични заболувања или критична структура – појасни Арсовски.

Во претходното деноноќие во земјава беа регистрирани нови 326 случаи на Ковид-19, а починаа осум лица.

Бројот на активни случаи изнесува 5498, најмногу во Скопје 2647, а потоа следуваат Битола со 447 и Прилеп со 363, а без ниту еден активен случај е само Дебар.

Досега во земјава се направени вкупно 1.509.665 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 220.169, оздравени се 206.903, а починаа 7768.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.