Луѓето кои овој пат беа околу Арина на нејзиниот седми роденден не беа обични како на другите родендени. Украинското девојче овој пат прослави меѓу службите за итни случаи и волонтерите во мобилниот камп во Сирет, Романија. Волонтерите и мајката подготвиле забава со роденденска торта, балон и хартиени капи.

Повеќе од 500.000 деца од Украина беа принудени да ги напуштат своите домови во егзодусот што УНИЦЕФ го опиша како „невиден по број и брзина“.

Меѓународната организација за миграција соопшти дека досега над 1,2 милиони лица ја напуштиле Украина, вклучително и околу 80.000 државјани на трети земји. Уште илјадници чекаат на граница да ја напуштат земјата.

„Кога ѝ реков на мајка ми дека заминувам за да го спасам животот, мајка ми плачеше и ми велеше дека веројатно никогаш повеќе нема да ме види. Тоа беше најстрашниот збор што сум го слушнал во животот. Сè уште се плашам дека веројатно никогаш повеќе нема да ја видам“.

Жените и децата се обидуваат да се спасат од руските напади, додека на мажите им е наредено да останат во земјата и да се борат против воената агресија на Русија. Граѓаните со украинско потекло ширум Европа им помагаат и ги засолнуваат семејствата. Влад е контакт за Украинците во Берлин. Десетици илјади семејства се наоѓаат во Германија, а во наредните денови се очекуваат уште околу 20.000 бегалци.

„На тие луѓе им треба нашата помош. Пред шест дена имаа стан, куќа, градина, автомобил, живот, сопруг. И сега се тука, без мажи, без домови, сами“, изјави Влад Пинкскиј, Украинец кој живее во Германија.

Железничката станица во полскиот пограничен град Пшемишл веќе е исполнета со бегалци кои ноќта ја минуваат на подот. Полска, Романија и Германија се трите земји кои досега примиле најмногу украински бегалци.

Фатлуме Дервиши