„Разбирам. Целосно сум невин“, рече Хашим Тачи, обвинет.

Advertisements

„Го разбирам обвинението какво што е, но не се согласувам со него бидејќи не сносам никаква одговорност за која се зборува во обвинението. Јас сум целосно невин“, изјави Јакуп Красниќи, обвинет.

„Невин сум по сите точки од обвинението“, рече Реџеп Селими, обвинет.

„Го изразувам моето незадоволство поради доцнењето од две и пол години, но јас сум целосно невин“, додаде Кадри Весели, обвинет.

Поранешните водачи на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се изјаснија за невини на почетокот на судскиот процес каде се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Но, според Обвинителството, ОВК преку соопштенија и други одлуки ги таргетирала оние кои ги сметала за противници. Обвинителот нагласи дека не станува збор за судење на УЧК, туку на само четворицата обвинети.

„Доказите ќе покажат дека четворицата обвинети во нивната улога како високи лидери во Генералштабот поддржале и спроведувале политика која ги таргетирала оние лица за кои сметале дека се противници, вклучително и оние кои се обвинети дека се соработници кои честопати не ги поддржувале во ништо, освен врските со српските институции, како и лица за кои се смета дека не ги поддржуваат целите или средствата на ОВК, а подоцна и на привремената влада на Косово“, изјави Алекс Вајтинг, в.д. главен обвинител.

Шефот на истражителите презентираше неколку соопштенија на генералштабот на ОВК. Тој се задржа на соопштението број 59 за кое Хашим Тачи тогаш изјави дека генералниот штаб на ОВК не го издал.

„Соопштението 59 лажно обвини одреден поединец дека е соработник бидејќи, како што се вели, доказите покажуваат оти членовите на генералштабот, вклучително и Хашим Тачи, сакале оваа личност да биде предмет на малтретирање, ако не и смрт“, нагласи Вард Фердинандус, Шеф на истражителите.

Специјалниот обвинител Алан Тајгер зборуваше и за хуманитарна делегација во селото Ќирез во Косово, за чии членови тврди дека биле малтретирани.

„13 членови на хуманитарната делегација во посета на Ќирез беа уапсени, приведени, малтретирани од припадници на ОВК, меѓу кои и Хашим Тачи и Реџеп Селими“, рече Алан Тајгер, обвинител.

Обвинителот на Специјалното обвинителство спомена три села, каде што се тврди дека биле затворани луѓе, а потоа некои од нив и убиени. Станува збор за Лапушник, Злаш и Клечка.

А, на само 3 километри од зградата во која се одржува судењето во Хаг, Албанци од Косово и дијаспората протестираа за поддршка на четворицата обвинети.

„Очекувам коректен процес. Се надевам дека ќе биде фер процес и оти ќе заврши што е можно поскоро“, рече еден демонстрант.

„Бевме колективна жртва на геноцидна држава. Не бараме ни помалку, ни повеќе, туку само правда“, изјави друг демонстрант.

„Целта на протестот е да се бара правда. Сакаме правда и правично судење на нашите водачи од војната за мир“, додаде друг демонстрант.

Поранешните водачи на ОВК се во притворниот центар во Хаг од ноември 2020 година./Алсат.мк

Шкелзен Аќифи