Украинските власти ја одложија евакуацијата на цивилите од областите кои беа најмногу погодени од бомбардирањето во Мариупол и Волноваха. Иако двете државни делегации на последната рунда разговори се договорија за прекин на огнот 4 часа дневно за евакуација на цивили преку хуманитарни коридори, планот пропадна. Според украинските власти, руската страна не го почитувала договореното. Заменик-градоначалникот на градот, Серхи Орлов, изјави дека Мариупол сè уште е цел на бомбардирање и ги повика цивилите да се разотидат од автобуските постојки и да најдат засолниште.

„Добивме информација дека на оваа рута од еден во друг град се водат жестоки борби. Не е безбедно да се помине низ тој коридор поради гранатирањата. Имаме две цели, да се движиме од Мариупол и Волноваха. Сфативме дека руската страна не го почитува прекинот на огнот и продолжува да го уништува Мариупол“, изјави Серхи Орлов, заменик градоначалник на Мариупол.

„Се обраќаме на руската страна – прекинете го бомбардирањето, вратете се на режимот за прекин на огнот и дајте можност да се воспостави хуманитарен коридор за да можат децата, жените и постарото население да ја напуштат областа“, рече Ирина Верешчук, заменик-премиер на Украина.

Но, руската страна има сосема друга верзија. Рускиот министер за одбрана изјави дека украински „националисти“ ги спречиле цивилите да ги напуштат градовите. Според него, руската армија ќе почитува 4 часа прекин на огнот во двете области за да се овозможи евакуација.

„Војската на Доњецката Народна Република продолжува да ја зајакнува опсадата околу градот Мариупол. Герилците Азов и Аидар (украински баталјони) пукаат врз народната милиција која влегува во градот од позициите во училиштата, градинките и болниците“, нагласи Игор Конашенков, министер за одбрана на Русија.

„Има информации од Херсон дека кога се отвори хуманитарниот коридор, претставниците на нашето министерство за вонредни состојби кои отидоа таму за да помогнат во евакуацијата на цивилите, сакаа да испратат хуманитарна помош таму – наводно, уште сега проверуваме – властите во Херсон одбиле да ја примат хуманитарната помош“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од руско-украинските разговори беше договорено да се прогласи прекин на огнот за отворање хуманитарни коридори за евакуација на цивили од Мариупол и Волноваха во југоисточна Украина меѓу Крим и Доњецк покрај Црното Море. Во меѓувреме, продолжува евакуацијата на цивилите од Киев со преполни возови кон Лавов во западна Украина.

Аднан Ќаили