Иако сме длабоко навлезени во 21 век, верувањето дека машките деца од мали треба да ги воспитуваме построго и натаму е длабоко вкоренето. И тоа не само на Балканот, туку и во другиот дел од светот.

Се верува дека синовите треба помалку да ги разгалуваме и од нив да очекуваме да бидат јаки, да не плачат, да бидат борбени и силни. Сепак, науката вели поинаку, односно сосема спротивно на тоа.

Неодамнешна студија открила дека машките деца, во првите години од својот живот, треба да бидат третирани со повеќе нежност и сочувство отколку што им е потребно на девојчињата.

Зошто е потешко да се воспитуваат машки деца?

Познатиот невропсихолог Алан Шор го претстави новото истражување кое докажува дека десната хемисфера од мозокот побавно се развива кај момчињата отколку кај девојчињата. Што значи тоа? Најпросто кажано, момчињата се помалку осетливи на звуци и на луѓе што ги опкружуваат, што може да ги направи „потешки“ и со повеќе потреби. Тие потешко толерираат стрес и се помалку отпорни на невропсихијатриски нарушувања, како што се нарушување на вниманието, аутизам… кои се манифестираат во раното детство.

Со оглед на тоа, момчињата што имаат построги мајки, кои од малечки се воспитувани со „цврста рака“, без многу емоции, стануваат поанксиозни, што потоа влијае врз формирањето невронски врски во мозокот, одговорни за самоконтрола и социјализација. Лекот за тоа е нежна, цврста врска помеѓу синот и мајката, заснована на разбирање, исполнување на потребите за љубов и близина на детето.

Ова има огромно влијание врз развојот на мозокот токму во првата година од животот.

Четири совети од Алан Шор до родителите:

-Не раздвојувајте ги синовите од мајките по раѓањето. Раздвојувањето од мајката веднаш по пораѓањето предизвикува огромен стрес кај сите деца, но за момчињата е особено важно, бидејќи кај нив се забележува нагло растење на хормонот за стрес (кортизол). Ако бидат подолго разделени од мајката, па високото ниво на стрес се одржи некое време, тоа може да има сериозно влијание врз развојот на мозокот и здравјето на детето.

-Целото породилно отсуство поминете го со синот или најмалку до првиот роденден. Во овој период се најранливи.

-Не бидете строги кон синовите, посебно не во првата година од животот. Избегнувајте стрес, пристапувајте им со трпение бидејќи тие многу добро забележуваат негативни емоции. Не забранувајте им да плачат и немојте да ги засрамувате поради тоа. Не оставајте ги сами кога се расплакани, макар и самите да биле виновни за тоа. Тие тогаш страдаат и потребна им е потврда дека се вредни за љубов. Често прегрнувајте ги, разгалувајте ги, бакнувајте ги.

-На малите момчиња посебно негативно влијание може да имаат надворешните токсини (на пример, фенол). Кај нив може да направат сериозен проблем токму во развојот на десната хемисфера. Иако на прв поглед се чини како параноја, мораме секогаш да бидеме внимателни со сè што ги опкружува нашите деца.