Сирија денеска соопшти дека ја поддржува одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги признае двата украински региони Доњецк и Луганск како независни.

Овие региони се познати како Донбас.

„Сирија ја поддржува одлуката на претседателот Путин да ги признае републиките Луганск и Доњецк и ќе соработува со нив“, државната новинска агенција САНА го цитираше сирискиот министер за надворешни работи, Фајсал Микдад.

Според агенцијата, Михдад овие изјави ги дал на форумот Валдаи во Москва на 22 февруари.

„Она што Западот го прави против Русија денес е слично на она што го направи против Сирија за време на војната против тероризмот“, беше цитиран тој.

Русија е сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад од избувнувањето на војната во Сирија во 2011 година.

Микдад рече дека САД и Западот продолжуваат да го поддржуваат тероризмот во Сирија, кој претставува закана за Блискиот Исток и за светот.

На 21 февруари, рускиот претседател Владимир Путин рече дека ќе го признае барањето на сепаратистичките лидери за независност на двата региони што ги контролираат во Украина.

Тој, исто така, рече дека ќе испрати руски војници да служат како, како што рече, „мировници“ – изјава што Западот и САД ја нарекоа „глупост“.

Соединетите Американски Држави, НАТО и Европската Унија остро ја осудија одлуката на Путин.