Кралицата Елизабета II има голем број подготвени говори за големи настани, а меѓу нив е и оној што ќе го одржи доколку дојде до Трета светска војна.

Оваа верзија на говорот е напишана во 1983 година, за време на Студената војна, а на јавноста стана достапна во 2013 година, кога ја објави Националниот архив на Велика Британија.

Одредени делови од говорот се застарени, но се верува дека неговата суштина ќе се искористи доколку дојде до нов светски конфликт.

Текстот го пренесуваме во целост:

„Никогаш не ја заборавив тагата што ја чувствував додека го слушав татко ми (Џорџ VI) како вели дека Втората светска војна започнала на тој кобен ден во 1939 година. Немав поим дека еден ден ќе морам да го кажам истото. Меѓутоа, какви и ужаси да не чекаат, сето она што ни помогна да ја зачуваме нашата слобода веќе двапати во текот на овој век, повторно ќе ни помогне да преживееме.

Сите знаеме дека сега се соочуваме со поголеми опасности од кога било досега. Непријателот не е војник со пушка или авијатичар што лета над нашите градови и села, туку злоупотребена технологија, која има смртоносна моќ.

Значи, мојата порака до вас е едноставна. Помогнете им на оние кои не можат да си помогнат, бидете утеха за осамените и бездомниците. Нека вашето семејство им даде надеж на оние на кои им треба. Додека заедно се бориме против злото, да се молиме за нашата земја и луѓето со добра волја, каде и да сме. Господ да ве благослови“.