Претпродолжението на „Господар на прстените“ насловено „Прстените на моќта“ (The Rings of Power) се смета за најскапата ТВ-серија на сите времиња, а едноминутниот трејлер прикажан на „Суперболот“ синоќа претстави и нови ликови, потврдувајќи го датумот на прикажување – 2 септември.

Меѓу новите глумци се Роберт Арамејо како Белдор, Маркела Кавено како Тајра, Морфид Кларк како Галадриел и Џозеф Моул како Орен. Ликовите не се оние од оригиналната трилогија „Господарот на прстените“. Приказната на „Прстените на моќта“ ќе се одвива во Средната Земја, осмислена од писателот Џ.Р.Р. Толкин, но ќе следи други и поинакви настани.

„Пред ’кралот‘, пред ‘дружината’, пред ’прстенот‘, оваа есен почнува нова легенда!“, се вели во видеото.

Првата сезона од новата ТВ-серија чинеше 465 милиони долари. Најавите говорат дека ќе има пет сезони (50 часа).