Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска соопштија дека забележале „спектакуларно зголемување“ на прекршувањата на примирјето во источна Украина, каде што проруските сепаратисти и украинските сили се во конфликт од 2014 година.

Забележан е огромен пораст на вооружените дејствија долж линијата на фронтот, се вели во соопштението на ОБСЕ, додавајќи дека сега има исто толку инциденти како и пред договорот потпишан во јули 2020 година за зајакнување на примирјето.

ОБСЕ ги повика инволвираните страни строго да се придржуваат до своите заложби, да ги преземат сите неопходни мерки за смирување на тензиите и веднаш да работат на деескалација во корист на недолжните цивили од двете страни на линијата на фронтот кои продолжуваат да страдаат поради конфликтот, се наведува во соопштението.

Организацијата, чии членови се Русија и САД, распореди набљудувачка мисија во Украина во 2014 година, по руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот меѓу силите во Киев и проруските сепаратисти во источна Украина.

Прикажи повеќе