Обединетите нации имаат докази за извршени воени злосторства, вели првиот човек на УНХЦР, Мишел Бачелет. Според неа, иако и двете страни во војната имаат одговорност за смртта на невини лица, најголемиот дел од жртвите се припишуваат на нападите на руските воени сили. Само на северот на Киев, досега се пронајдени тела на илјада цивили – повеќето како последица на директна егзекуција.

Advertisements

„Размерите на неоправданите убиства, вклучително и индикациите за брзи егзекуции во областите северно од Киев, се шокантни. Иако имаме информации за 300 такви убиства, бројките ќе продолжат да се зголемуваат како што ќе бидат достапни нови докази. Овие убиства на цивили често се чини дека се намерни, извршени од снајперисти и војници“, рече Бачелет.

Дел од повратниците во северниот дел на Киев, кој сега веќе не е под руска контрола, ги раскажуваат ужасите од војната. Меѓу нив и 14-годишниот Јуриј, кој присуствувал на егзекуцијата на својот татко.

„После тоа пукаше и во моите кренати раце, но куршумот само ми го изгреба палецот“, изјави Јуриј Непочиренко.

Обединетите нации имаат информации за загинати најмалку двесте деца, но според нив, бројката ќе расте. Генералниот секретар на организацијата, Антонио Гутереш очекува војната да трае и изјави дека сега фокусот на сите дипломатски напори се обезбедување на хуманитарни коридори. И според официјален Вашингтон војната ќе трае, а украинскиот претседател Зеленски повторно побара помош во оружје и опрема.

Лука Андреев