Државјаните на Нов Зеланд ќе се соочат со нови ограничувања против ковид 19 откако се пријавени девет случаи на омикрон сојот, објави денеска премиерката Џасинда Ардерн.

Сите случаи се забележани во едно семејство кое отпатувало во Окленд на почетокот на овој месец на свадба, пренесува Асошиејтед прес.

Засилените мерки, кои стапуваат на сила од утре, ќе опфатат задолжително носење маски и ограничувања за собири.

Ардерн нагласи дека нема да има заклучување и дека сè останува отворено, а луѓето сè уште можат да ги посетуваат семејството и пријателите и слободно да се движат низ земјата.

„Нашиот план да управуваме со случаите на омикрон во рана фаза останува ист како и за делтата, ќе направиме брзи тестови, ќе најдеме контакти со заразени луѓе и ќе изолираме случаи и контакти за да го забавиме ширењето“, им рече Ардерн на новинарите во Велингтон.

Околу 93 отсто од Новозеланѓаните на возраст над 12 години се вакцинирани против коронавирус, а 52 отсто од нив примиле бустер доза. Новите мерки ја погодија и самата премиерка, која планираше венчавка следниот викенд, но истата е одложена.