Убиецот од Цетиње Ацо Мартиновиќ се самоуби откако убил најмалку дванаесет лица, соопшти полицијата. Мартиновиќ, кој бил во бегство, полицијата го лоцирала недалеку од неговата куќа во Цетиње.
„Откако полицијата го опколи и откако виде дека е во безизлезна ситуација, тој се застрела и почина при транспортот до клиничкиот центар“, изјави на прес-конференција директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.
Тој додаде дека напаѓачот убил најмалку дванаесет лица, но можно е да има и повеќе жртви. Четири лица се тешко ранети. Меѓу жртвите има две деца на возраст од 10 и 13 години, а сите се најблиски пријатели, кумови и роднини на убиецот.
Мартиновиќ злосторството го започнал во ресторан во Велестово во близина на Спортскиот центар. По инцидентот меѓу него и гостин, тој отишол дома да земе пиштол, се вратил во кафеаната и таму убил четири лица. Потоа ги убил членовите на неговото семејство и две деца на возраст од 10 и 13 години на три познати локации. Шќепановиќ рече дека мотивот се уште се утврдува.
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ најави дека на седницата на Советот за национална безбедност ќе бидат разгледани сите опции, како и целосна забрана за поседување оружје.
Во 17 часот, граѓаните на Цетиње ќе им оддадат почит на жртвите од масовното убиство во кое животот го загубија 12 лица.
Собирот за поддршка на семејствата ќе се одржи на платото кај споменикот Вила, организиран од членовите на семејствата на загинатите во август 2022 година во населбата Медовина.
„Ги споделуваме нивните рани и ќе направиме се за да не биде залудна жртвата на членовите на нивните семејства, но и нашата“, се вели во пораката испратена до Радио Цетиње.
Министерот за правда Бојан Божовиќ соопшти дека на 29.11.2022 година е одземено нелегално оружје од Аце Мартиновиќ, кој вчера во Цетиње уби 12 лица, пренесува „Вијести“.
Божовиќ во соопштението за медиумите наведува дека на 8 ноември 2024 година, Мартиновиќ е осуден на три месеци затвор за кривично дело недозволено поседување оружје и распрскувачки материјали.
„Неговиот бранител поднел жалба на 18 декември 2024 година, но одлуката на Вишиот суд во Подгорица се уште не е донесена. Според криминалното досие тој се сметал за неосудувано лице бидејќи пресудата од 2005 година во меѓувреме била избришана. Поради престанок на правните последици од осудата (примена на Казненоправниот институт за рехабилитација), па во моментот на првостепената пресуда се сметал за неосуден“, рече Божовиќ, поради како што наведе, „многубројните неточни информации кои дополнително ги вознемируваат граѓаните“.
„Свесни за бројните недостатоци, но пред се за непрецизни одредби и благи санкции кои беа пропишани за кривичното дело недозволено поседување оружје, како и поради обврската за усогласување на националното законодавство со Протоколот на ОН за оружје, во декември 2023 г. ги усвоивме Измените и дополнувањата на Кривичниот законик (КЗ)“.