Внимателно одбраните зачини освен што може да го подобрат вкусот на јадењето, може и да ја зголемат неговата нутриционистичка вредност.

Ви презентираме некои од зачините кои може да ги додадете во вашиот следен оброк, а со тоа да ја започнете и битката против некои болести.

1. Кари

Зачинот кари е составен од ким, мускатно оревче, каранфилче, цимет, кардамон, куркума, црн и црвен пипер, ловор, ѓумбир…. Што се однесува до бенефитите кои ги носи користењето на овој зачин, познат е по благотворното дејство на целокупниот имунолошки систем, ја подобрува циркулацијата, штити од срцеви болести, има анти бактериско дејство, ублажува болка, го подобрува варењето на храната и се смета за одличен борец против слободните радикали.

Особено е добар во заштита на мозочните ќелии. Се смета дека помага во борбата против ракот и Алцхајмеровата болест. Истражувањата покажеле дека во Индија која се смета за земја каде најмногу се консумира овој зачин, многу е помал бројот на луѓе заболени од овие болести.

 2. Мајчина душичка

Само една лажичка од оваа билка содржи повеќе од 20 проценти од вашите дневни потреби за железо. Се меша со печено месо и зеленчук, доматно пире (сос од домати) и кајгана. Мајчината душичка има остар вкус и поднесува долготрајно готвење, па затоа е одлична за различни варива, супи и манџи.

3. Оригано

Ни една пица не може да помине без оригано. Најчесто се користи за подготвување на специјалитети од италијанската кујна, тестенини, но се употребува и во вегетеријанските манџи од зеленчук. Ориганото е добро за настинка, главоболка и забоболка, но и делува како најдобриот природен антисептик и антибиотик.

4. Рузмарин

Старите записи говорат за тоа дека рузмаринот била омилената билка на античките и римските богови, но и доста застапена во народната медицина. Овој медитерански зачин одлично влијае на дигестивниот систем со тоа што ја ублажува надуеноста и ги смирува цревата и желудникот. Освен тоа, рузмаринот ја подобрува циркулацијата, ја чисти крвта и делува против нискиот притисок. Се користи во оброци со риба, гулаш и јагнешко месо.

5. Жалфија

Затоа што е полна со етерично масло, жалфијата се користи во мали дози и исклучиво се користи нејзиниот лист. Овој зачин со горчлив вкус најдобро е да се употребува во комбинација со свинско месо и риба. Ако имате проблеми со памтењето, жалфијата е вашиот зачин. Освен што има антисептичко дејство и ја зајакнува слузокожата на устата и грлото, се вели дека жалфијата ја подобрува и меморијата.

6. Цимет

Затоа што има сладок вкус, овој зачин најчесто се употребува во слатките јадења, питите и колачите, со печеното овошје и сл. Циметот се користи и во солените месни деликатеси, најчесто при подготвување на дивеч. Што се однесува на здравствените бенефиции од циметот – познато е дека штити од дијабет и срцеви болести, но и дека го регулира крвниот притисок.