Денеска ќе биде најлудиот фудбалски ден оваа сезона затоа што на програмата ќе имаме четири големи фудбалски дерби натпревари во најквалитетните европски лиги.

Дерби-денот стартува во 16:15 со популарното „Ел Класико“ меѓу Барселона и Реал Мадрид. Овој дуел важи за еден од најдобрите во Европа знаејќи го големото ривалство меѓу Мадрид и Каталонија.

Во Премиер лигата од 17:30 часот Манчестер Јунајтед го пречекува Ливерпул. Ова големо ривалство меѓу клубовите кои се најлути ривали во Англија датира уште од 1894 година. Јунајтед и Ливерпул се најтрофејни англиски клубови – „ѓаволите“ имаат 66 титули, а „црвените“ еден помалку.

Во вечерниот термин од 20:45 фокусот ќе биде вперен кон калчото. На програмата е популарното „Дерби д’Италија“ меѓу Интер и Јувентус. Исто така во истиот термин се игра и „Ле Класик“ во Лига 1 на „Велодром“ меѓу Олимпик Марсеј и ѕвездениот ПСЖ.