Во морето шпекулации на последниот ден од јануарскиот преоден рок, излезе веста дека Барселона е заинтересирана за аргентинскиот репрезентативец и член на ПСЖ, Анхел ди Марија.

Наводно, тој би се преселил на Камп Ноу во случај да дојде до трансфер на Усман Дембеле бидејќи двајцата фудбалери играат на иста позиција и автоматски за Аргентинецот не би имало место во почетната постава. Ова не е првпат Ди Марија да се поврзува со Барселона бидејќи вакви шпекулации имаше и претходните години.

Сепак, со оглед на очајната состојба во која се наоѓа Барселона, се чини дека сега аргентинскиот ас е најблиску до Каталонија, а тоа ги вознемири навивачите на клубот. Не само затоа што станува збор за поранешен фудбалер на Реал Мадрид и тоа од деновите на најголемото ривалство на двата клуба, туку и затоа што тој има лоша историја пред навивачите на Барса.

Како член на ПСЖ, во 2017 година, тој гостуваше на Камп Ноу во осминафиналето од Лигата на шампионите и фановите уште го памтат моментот кога ги замолкнуваше откако Кавани намали на 1-3, а потоа упати и низа пцовки на нивна сметка. Прашање е и колку тој може да ѝ помогне на Барселона со оглед на тоа што има 34 години иако уште му се случува да одигра неколку натпревари на врвно ниво.