Унгарската полиција спроведува решителна акција против алчните сопственици на угостителски објекти кои ги „ограбуваат“ туристите, наплаќајќи им вртоглави цени за услугата.

Во паб во центарот на градот келнерите биле уапсени на дело кога германски турист одбил да плати 210.000 форинти (околу 580 евра) и на кој поради тоа му се заканувале.

Полицијата ги уапсила и сопственичката на ресторанот и нејзиниот син, па тие ќе бидат изведени пред истражен судија.

Туристот рекол дека сакал само да пие кафе, а келнерите постојано носеле пијалоци кои тој не ги нарачувал, а кога одбил да плати, му се заканувале дека ќе повикаат полиција и ќе му наплатат трошоци за преведувач.

Поплаките против угостителите кои не се двоумат да „зезнат“ туристи може редовно да се читаат на туристичките форуми.

Впрочем, полицијата веќе извесно време ја следела споменатата кафеана и сега добила можност да го фати персоналот.

Истите сопственици водат уште два локала во Будимпешта, од кои едниот е во најпознатата улица Ваци, популарно шеталиште за туристите.