Дел од навивачите на Јувентус за време на синоќешниот натпревар од Суперкупот на Италија со Интер (1:1, 1:2 по продолжение) на „Сан Сиро“ истакнаа транспарент упатен до претседателот на клубот Андреа Ањели. Во текот на првото полувреме на трибините се појави транспарент на кој пишуваше: „Agnelli muori“ (Ањели умри).

За потсетување, во 2019 година, полицијата уапси 12 ултраси на Јувентус под сомнение за перење пари, насилство и изнуда во врска со продажба на билети. Истрагата започна една година порано и се однесуваше на наводното мешање на мафијата во продажбата на билетите на „ултрасите“. Јувентус соработуваше со властите во текот на истрагата, а Ањели призна дека навивачите вршеле притисок врз клубот.

Оттогаш, на некои од најжестоките навивачки групи им е забрането да се појавуваат на домашната арена на Јувентус.

Самиот Ањели не беше на натпреварот со Интер бидејќи се зарази со коронавирус.