Не можам, не сакам и нема да молчам, гледајќи како псевдоисториските глупости за настаните од пред сто години станаа изговор за Русите да убиваат Украинци, а оние што се бранат себеси, да убиваат Руси, напиша опозицискиот лидер Алексеј Навални на својот инстаграм профил.

Тој нагласи дека е роден во СССР, кога главната порака била „борба за мир“.

-Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир. Да, малку луѓе можат да излезат на првиот ден. А, на вториот – уште помалку. Но, ние мораме, стискајќи заби и победувајќи го стравот, да излеземе и да бараме прекин на војната. Секое уапсено лице мора да биде заменето со двајца новодојдени, додаде Навални.

Според него сè има своја цена, а сега, во пролетта 2022 година, Русите мора да ја платат цената.

-Никој друг. Да не „бидеме против војната“. Да се ​​бориме против војната“, порача најжестокиот критичар на Путин.