Жозе Мурињо доживеа пораз во Бергамо од Аталанта (3:1), во 100. натпревар на клупата на Рома. Она што повеќе го загрижува од поразот е кадровската ситуација пред решавачките натпревари во сезоната.

Натпреварот Рома го заврши со девет играчи, Диего Љоренте, поради повреда во солзи излезе од теренот, а Паоло Дибала, по еден дуел со Паломино, не можеше да стои на левата нога.

„Натпреварот го завршивме со девет играчи. Ова е многу тешка ситуација за мене и за тимот. Но, ова е обединет тим, во тешки моменти стоиме заедно и навивачите се горди на тимот. Како што сега стојат работите, против Милан ќе треба да ги повикам Тоти или Алдаир. Бидејќи се повредени Љоренте и Смолинг повеќе ми е потребен Алдаир. Ако треба и јас ќе играм“, изјави Мурињо.

Рома моментално е изедначена на четвртото место, со ист број бодови како Милан, три помалку од третопласираниот Јувентус и два повеќе од шестопласираниот Интер. Рома во наредното коло ќе го пречека Милан.

Прикажи повеќе